Двајца маскирани напаѓачи во возило „мерцедес“ со германски регистарски таблички утрото по 9 часот со автоматско оружје пукале кон џип „форд“ кој е пак со италијански регистарски таблички. Од истрелите од автоматското оружје веднаш починал 34- годишникот Абдуљ Басри Ибраимовски додека три години помалиот брат Зејнељ Ибраимовски со прострелни рани во десното рамо е пренесен на скопските клиники, објави АЛФА.
Полицијата била известена неколку минути по пукањето и веднаш излегла на терен. На местото на пукањето во близина на поштата и џамијата во скопско Батинци, докази собираше и обвинител.
„Денес во 9:25 часот било пријавено дека во с.Батинци, скопско, две лица со патничко возило „мерцедес“ пукале кон патничко возило „форд“ во кое биле А.Б.И.(34) и З.И.(31), двајцата од с. Црн врв“.
Мотивот засега е непознат. Постариот од браќата се поврзува со Зулќуфли Нуредини од селото Батинци, добро познато име во криминалното подземје како Мали Репки. Од друга страна пак се шпекулира и дека станува збор за крвна одмазда за случај од пред 15-тина години кога било убиено дете, по што жртвите од денеска се криеле досега во Италија, пренесе АЛФА.
Полицијата трага по убијците, а дури и со хеликоптер го надгледуваше селото Батинци и околината.
„На местото на настанот починал А.Б.И., а З.И. се здобил со повреди и е пренесен за укажување лекарска помош во Ургентен центар-Скопје. СВР Скопје во координација со Одделот за специјални полициски операции и Одделот за воздухопловни единици преземаат мерки и активности за пронаоѓање на сторителите и расчистување на случајот“, стои во Билтенот на МВР.
Жителите не сакаат да коментираат, велат ниту виделе ниту ја слушнале пукотницата во која 34-годишен го загуби животот.
Како што велат очевидци, напаѓачите избегале кон село Драчевица.
Извор: Алфа
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.