По пресудата за случајот „Плацови на Водно“, во која на Сашо Мијалков му беше изречена казна затвор од една година за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“, адвокатот Ѕвонко Давидовиќ истакна дека „апсолутно не се задоволни и ќе ја обжалат пресудата во законскиот рок, кога ќе го добијат писмениот оправок и кога ќе ги изанализираат причините поради кои е донесена пресудата“.

Судијата ги наброја причините и на неколкупати згреши. Еве конкретно, ниту еден предмет, зборувам за мојот клиент, ниту еден предмет не е правосилно завршен, па тоа што се во тек постапки не значи дека треба да биде причина за заострување на казната, особено што и за други обвинети има постапки кои се во тек. Но, тоа ќе го расправаме пред Апелационен суд – изјави Давидовиќ.

Тој дополни дека она што не им се допаднало било изречена казна која е поостра од таа за оние кои вршеле перење на пари, а помагачот, како што рече, „наводно при перење на пари е казнет построго од оние кои го сториле самото кривично дело“.

Но, во секој случај, она што постојано го укажувавме во текот на постапката и пред Апелациониот суд ќе го изнесеме, е дека не постоеше ниту еден материјален доказ за ваква пресуда, за мојот клиент, и дека буквално е на исказ на еден сведок којшто беше буквално дискредитиран и од којшто најголемиот дел од имотот и се одзема. Свесни сте во судницата конфискација на имотот и одземањето на имотот е од сите други обвинети и сведоци освен од мојот клиент, па вие проценете самите – изјави Давидовиќ. 

Во овој случај, Судечкиот совет денеска изрече седумгодишна казна затвор за поранешниот премиер Никола Груевски, обвинет за перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот. Неговиот кум Ристо Новачевски е осуден на условна казна во времетраење од две години, бизнисмените Ненад Јосифовиќ на двегодишна условна осуда, а Јордан (Орце) Камчев е осуден на едногодишна затворска казна кои, исто така се обвинети за за „перење пари”.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.