Нови дојави за поставени бомби стасале денеска на електронските адреси на четири училишта за средно образование во Скопје. Како што дознава Мета.мк, станува збор за гимназиите „Јосип Броз Тито“, „Никола Карев“, „Раде Јовчевски Корчагин“ како и гимназијата „Орце Николов“. Она што е поразлично од претходно е тоа што денеска и пред два дена, заканите стасаа во првата смена, во периодот околу големиот одмор. Првите пет дојави се случуваа во втората смена.

„Денеска во СВР Скопје околу 9:30 часот е пријавено дека на електронската адреса на четири училишта во Скопје е упатена закана за поставена бомба. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за случајот“, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Како што за Мета.мк соопшти директорот на „Орце Николов“, Митко Димовски, наставата била прекината и сите ученици биле евакуирани.

Во содржината на мејлот кој е испратен од извесен „Hated one“ се забележува дека овој пат испраќачот, освен што напишал текст, прикачил и вознемирувачка фотографија со четири бомби на неа.

Инаку автентичноста на фотографијата со помош на Google reverse image search се откри дека не е вистинска, по што се покажа дека истата фотографија не е оригинална, односно веќе е објавувана во декември 2020 година.

„Бомбите се поставени во една од училниците. Извинете ни за тоа што ќе се случи денес“, пишува во мејлот за денешната дојава за бомба.

Инаку, после првата лажна дојава за поставена бомба на 26 октомври, ова е седми ден скопски училишта да добиваат дојави за поставени бомби. Засега МВР не соопштува детали за истрагата. Пред една недела беше приведено едно лице, но немаше обвинение.

На 2 ноември, имаше нова дојава за поставена бомба во осум училишта, а во содржината беше и шегата на Путин што ја кажа за време на последната пленарна сесија на 19-от годишен состанок на Меѓународниот клуб за дискусија „Валдаи“, со седиште во Москва.

При секоја нова дојава, учениците и вработените се евакуирани, а МВР врши истрага во училиштните објекти. Првата дојава се случи истиот ден кога во посета на земјава беше претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен. Следуваа уште дојави, а содржината во мејловите беше различна од секоја претходна.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.