Спроведената инспекциска контрола на локација посочена од граѓани во Извидничкиот центар во охридската населба Далјан покажала дека се работи за дивоградба односно дека се спроведуваат градежни активности без дозвола за градење.

Според записникот од извршениот надзор утврдено е дека на локацијата на десетина метри од езерото се поставени пет шаловани и армирани бетонски плочи од по 47,5 метри квадратни, за кои не се издадени решенија за градба.

Согласно констатираната фактичка состојба односно градење без дозвола, ќе биде донесено решение за отстранување на петте плочи во тек на градба според член 134, став 1, алинеја 4 од Законот за градење.

За градежните активности на односната локација посочија и активистите на Граѓанската инцијатива „Охрид СОС“ од каде изразуваат уверување дека ќе биде постапено согласно заклучоците изнесени во записникот и она што е изградено ќе биде отстрането, а локацијата вратена во претходна состојба.

Бесправното градење и неконтролираната урбанизација на крајбрежјето на Охридското Езеро е еден од најгорливите проблеми со кои се соочува регионот и е меѓу главните забелешки посочени во двата извештаи на Реактивната мониторинг-мисија на УНЕСКО.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.