Серија апсења има во Скопје од попладнево, а за расчистување на убиствата од 2018 година на Наим Ајети – Беланоца и Антонио Парапулов алијас Тозо, но и поради растурање на криминални групи кои се бавеле со продажба на дрога, објави „Скопје1“. Полицијата упаднала во Грчец, Дуќанџик, Чаир, каде има серија претреси.

„Скопје1“ повикувајќи се на свои извори објави дека првоосомничен во оваа акција која ја води Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција е Шеваљ Муареми кој е во бегство повеќе години. Статус на осомничен има и братот на Енес Ибраимов – Љаци, кој пак беше убиен во „Шиша бар“. Со истрагата опфатен е и полицаец, кој бил заедно со Орхан Бајрами – Оки кога му беше извршена ликвидација во Ханиоти, Грција.

Засега е познато дека е уапсен и поранешен партнер на наша позната поп-пејачка, кој сега е задржан во полициската станица во Карпош.

Институциите не споделуваат никакви информации за акцијата. Не се знае кои од лицата, во кој дел на истрагата се осомничени. Според сознанијата на „Скопје1“ случајот го водат двајца обвинители од ОЈО-ГОКК, а предметот е таму бидејќи едно од делата кои ќе им бидат ставени на товар е злосторничко здружување.

Министерот за внатрешни работи во оставка, Оливер Спасовски, закажа прес-конференција за во 18 часот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.