Во врска со вчерашниот напад врз државјанин на Република Македонија, Б.К. од Лабуниште, Министерството за надворешни работи апелира за воздржаност од предвремени квалификации се до целосно расчистување на случајот. Во текот на вечерните часови, со осомниченото лице за нападот, А. Н. од Велешта, бил извршен службен разговор и известен е јавниот обвинител.

Овој настан не смее да фрла сенка врз институционалните напори за негување на правата и интересите на помалите заедници, вклучително и напорите за уставно-правно загарантирани права за нив, меѓу нив и Бугарската заедница.

Ја повикуваме јавноста и политичките субјекти од соседна Бугарија да им овозможат на институциите на државата да ги расчистат околностите на настанот и соодветно процесуираат, согласно законската регулатива.

За овој инцидент вчера извести и македонското МВР: „Жител на струшкото село Велешта денеска околу пладне физички нападнал лице од селото Лабуништа. СВР Охрид соопшти дека настанот во полиција бил пријавен во 12 часот и 15 минути. Според првичните информации, двајцата подолг временски период имале нерасчистени меѓусебни односи“.

Бугарските медиуми јавија дека Кадриески бил соборен на земја и клоцан, а напаѓачот, А.Н. од Велешта, за кој се претпоставува дека е Албанец, го навредувал по етничка основа – „валкан Бугарин”.

И веднаш на ова се надоврзуваат инфомациите дека Кадриски е тешко повреден, дека едваj зборувал, дека нема соодветна медицинска нега… Од струшката општа болница велат дека Кадриески немал сериозни повреди, бил видно вознемирен и му бил даден само седатив.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.