Обвинителството почна истражна постапка против лицето кое предизвика сообраќајка во Аеродром и нападна жена.

Од Обвинителството информираа дека осомничениот е 65-годишник. Тој на 27 декември, на булеварот „Јане Сандански“ во Скопје предизвикал значителна опасност за двајца оштетени – мајка и син, а извршил и грубо насилство кон оштетената жена, нанесувајќи и тешки телесни повреди.

„Додека оштетените со своето возило се движеле по булеварот кон својот дом, осомничениот ги удрил со неговиот автомобил, непрописно поминувајќи преку пешачки премин на црвен семафор. Оштетениот кој управувал со возилото тргнал по осомничениот и на следната крстосница излегол за да го праша зошто ги удрил. Осомничениот тогаш излегол од автомобилот со нож во раката и почнал да му се заканува.

Исплашен, оштетениот се вратил во возилото во кое била и неговата мајка, но осомничениот повторно влегол во неговиот автомобил и тргнал во рикверц, повторно удирајќи во возилото на оштетените. Расправијата продолжила, а кога од автомобилот излегла и мајката, осомничениот ја фатил за коса и започнал да ја влече, насилно ја турнал во неговиот автомобил и започнал да вози во правец кон Лисиче. По околу 600 метри застанал, ја извадил жената од колата и физички ја нападнал, удирајќи ја со клоци и тупаници и заканувајќи и се дека ќе ја фрли во Вардар. На тој начин на оштетената и нанел тешки телесни повреди – три скршеници и потрес на мозок, а кај сведоци на настанот предизвикал чувство на загрозување и страв“, објави Обвинителството.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постои опасност од бегство и можност тој да ги повтори кривичните дела.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.