Судењето за сообраќајната несреќа во која животот го загуби десетгодишно дете на булеварот „Никола Карев“, на делот познат како „Пластичарска“ во Скопје, денеска во Основниот кривичен суд заврши со признание на вина на 21-годишниот возач.

Обвинетиот на 12 октомври во 16:40 часот на булеварот „Никола Карев“ во Скопје не се придржувал до пропишаните прописи и возел со 76 километри на час, и со предниот дел од возилото удрил во телото на пешак – дете родено 2013 година кое како пешак попречно го поминувало коловозот надвор од обележан пешачки премин. Од ударот детето починува на лице место, а возачот го напушта местото на несреќата без да укаже помош.

Обвинетиот 21- годишен возач од Скопје, денеска пред Судот го призна делото кое му се става на товар, но рече дека избегал од страв да не биде тепан.

Многу ми е жал за тоа што го сторив. Се каам за тоа што го направив. Не можам да спијам. Свесно и доброволно признавам, рече обвинетиот.

Јавниот обвинител Даниел Коцев од ОЈО Скопје, во завршен збор, побара при одмерувањето на казната Судот да ги има в предвид сите олеснителни и отежнителни околности, како и да делува превентивно за другите учесници во сообраќајот.

Со оглед дека обвинетиот го призна делото, предлагам Судот при одмерување на казната да ги има во предвид сите олеснителни околности, како возраста, признанието на вина и тоа дека вештакот одреден степен на вина за несрќата најде и на страната на жртвата. Како исклучително отежнувачките околности, пред се тоа дека жртвата е 10-годишно детенце и исклучителната болка предизвикана на семејството, како и дека по случувањето на несреќата обвинетиот воопшто не застанал да види што се случило и да укаже помош на жртвата и дека возилото го управувал со брзина поголема од законски предвиденото ограничување од 50 километри на час, изјави јавниот обвинител.

Адвокат на обвинетиот по службена должност, во завршен збор рече дека одбраната нема како, а да не се согласи со завршниот збор на обвинителот, особено што е прерано загубен еден детски живот, што не требало никогаш да се случи, но и за уште еден прерано уништен живот на обвинетиот. Тој побара од Судот да даде шанса на обвинетиот да го продолжи животот, со оглед на неговата возраст и дека никогаш не сторил никакво кривично дело, изјави адвокатот на обвинетиот.

Судијката Марија Клетничка Марковска пресудата ќе ја објави на 15 ноември.

Возачот се наоѓа во куќен притвор, а според обвинението од ОЈО Скопје се товари за кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во собраќајот по член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 и кривично дело неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода по член 301 став 1 од Кривичниот законик.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.