Одделот за аналитика при СВР Тетово евидентира дека во текот на целата 2022 година, полициските службеници откриле и законски санкционирале вкупно 1728 лица, односно возачи кои ги управувале возилата без положен возачки испит и валидна дозвола за тоа.

Сите биле исклучени од сообраќај и изготвени им се предвидените поднесоци со парична глоба од 250 евра во денарска противвредност. Толкава глоба ќе треба да платат и лицата кои им ги дале возилата да ги управуваат, иако знаеле дека не поседуваат возачки дозволи.

Секторот за внатрешни работи Тетово повторно со апел, посебно до младите, да не седнуваат зад волан без положен возачки испит и да ги почитуваат ограничувањата предвидени за возачи почетници. Затоа што, во спротивно, ја доведуваат во прашање сопствената и безбедноста на другите учесници во сообраќајот и негативно влијаат на вкупната безбедност на патиштата во поширокиот Полошки Регион, истакна Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Во текот на 2022 година санкционирани биле 453 возачи почетници кои не се придржувале кон законските ограничувања за оваа категорија учесници во сообраќајот. Паричната глоба за овој вид прекршок изнесува 200 евра во денарска противвредност. Во текот на овој месец, заклучно со денеска (23 јануари), санкционирани се 36 возачи без дозволи на тетовското подрачје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.