По инцидентот кој се случи во Неготино за време на викендот, кога тројца британски државјани, учесници во воената вежба која се одвива на армискиот полигон Криволак, се однесуваа агресивно во кафуле, уништија инвентар, а еден од нив нападна полициски службеник, доаѓаат информации и за други инциденти предизвикани од странските војници и во Скопје.
Како што информира МВР, во понеделникот во 05.45 часот на ул.„Методија Андонов Ченто“, полициски службеници од Полициската станица Гази Баба ги лишиле од слобода Х.М.(18), Д.М.(19), Л.Б.(19) и К.П.(18), сите од Велика Британија.
Околу 01.50 часот тие одзеле такси возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки од Џ.М.(39) од Скопје, по што со возилото удриле во банкина на подрачје на Гази Баба. Тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава, пренесува МВР.
Од извори вклучени во истрагата „Фокус” дознава дека станува збор за лица кои се странски војници и кои биле сместени во касарната Петровец.
Друг инцидент, пак, се случил во ноќен клуб во Скопје во раните утрински часови во неделата. Мајка на девојка која била повредена заедно со нејзината другарка во клубот, кога неколку лица започнале нереди во клубот, при што едната девојка завршила со хематом и повреда на главата, а другата со посекотина лицето, крварење и два хематоми од удари од шишиња, го обелодени настанот, барајќи одговори од надлежните во клубот.
Според Рашко Бошковски, одговорно лице од клубот, турканицата се случила помеѓу повеќе лица кои биле странци, обезбедувањето ги изнело надвор и била повикана полиција.
Не можам да тврдам дали лицата се војници, но гледам дека деновиве има повеќе инциденти. Беа повеќе групи, имаше Британци, Французи и најверојатно Ирци. Јас бев во полиција и дадов изјава, вели тој за „Фокус“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.