Во текот на 2021 година странците кон домашни е-трговци реализирале вкупно 471.688 онлајн трансакции со вкупна вредност од 16,4 милиони евра, покажува анализата на податоци од Народната Банка на Македонија, кои се однесуваат на број и вредност на реализирани е-трансакции со странски платежни картички кон домашни е-трговци изработена од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ.

Како што стои во соопштението од АЕТМ, ова претставува раст од од 58,4 отсто во бројот и 50,5 проценти во вредноста на трансакциите во однос на 2020 година кога имало 297.742 онлајн трансакции со вкупна вредност од 10,9 милиони евра.

Од вкупниот износ во вредност од 16,4 милиони евра кои странците во текот на 2021 година го потрошиле онлајн за купување во Македонија, повеќе од половината, односно 53 отсто од вредноста на трансакциите се реализирале од страна на ТОП 10 земјите со најголема потрошена вредност онлајн во земјава. Од ТОП 10 земјите по вредност на онлајн трансакции кои платиле со странски платежни картички во државава, соседни земји со најголем промет се Бугарија со потрошени 534 илјади евра и Косово со потрошени 302 илјади евра.


Најголем број на трансакции со странски платежни картички (60.949 трансакции) се реализирани со картички кои се издадени во САД, а потоа следи Обединетото Кралство со реализирани 40.704 онлајн трансакции. Дел од ова веројатно се должи на странски картичките од брендови како “Payoneer” и “Revolut” од САД, односно Обединето Кралство кои воедно се користат од лица од земјава, особено лица од ИТ секторот кои работат “freelance” за странски компании и претставништва и по тој основ остваруваат приходи кои им се исплаќаат на странски картички, кои може да ги користат за трансакции кон дома, стои во соопштението.

Дополнуваат дека останатите земји од каде што има најголем број на онлајн трансакции доминантни се оние земји каде има голем број на иселеници, како Швајцарија, Германија и Шведска кои ги користат своите платежни картички за да купуваат онлајн од е-продавници од Македонија.

Од соседните земји, Бугарија и Србија се дел од ТОП 10 земји кои пазаруваат онлаjн во државава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.