Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски денеска порача дека имаат правила за снабдување и компаниите кои што се задолжени за тоа се обврзани да започнат со испорака на топлинска енергија.

Таму каде што има калориметри, не во згради, туку во индивидуални куќи, тогаш сопственикот може и сам да го исклучи или вклучи (парното). Во оваа насока го гледам тоа што го направиле во општина Карпош. Тоа е одлука на самиот потрошувач. Во Скопје реално температурите се релативно поволни и мислам ќе нема проблем. Факт е дека сите општини во градот Скопје во изминатиот период се соочија со зголемени трошоци на топлинска енергија – кажа Бислимоски запрашан од новинарите дали градоначалник на една општина да носи одлука да нема испорака на греење за училишта на територија на општината.

Ваквиот негов став следува по препукувањата на релација МОН-општина Карпош за парното греење во основните училишта на територијата на скопската општина. Градоначалникот Стевче Јакимовски бара исплата на долг, а министерката Весна Јаневска тврди исплатени се сите блок дотации кои се за општините.

Јакимовски е дециден дека општината нема да го плати долгот од 8 милиони денари.

Ако е моја обврска да го плаќаме парното, зошто тогаш МОН дава пари? Ако е нејзина обврска да се подмират трошоците за греење, зошто тогаш бара и ние општината да даваме пари? Зошто само општина Карпош? Овој дискриминаторски однос кон општината не се смирува – рече градоначалникот на прес-конференција.

Претходно министерката информира дека организацијата е на градоначалниците и училиштата за да спроведат се друго, а не само грејната сезона.

Очекувам сите училишта да имаат греење затоа што е невозможно да се учи без греење. Верувам дека градоначалникот е многу способен и ќе најде начин да ги затопли училиштата, рече министерката, додавајќи дека „не слушнала за ваков проблем во другите општини“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.