Составена е листа со имиња на повеќе од десет фудбалски ѕвезди за кои се заинтересирани клубови од Саудиска Арабија, а листата ја предводат Лионел Меси и Карим Бензема, јавија денеска светските агенции, повикувајќи се на анонимен извор близок до преговорите.
Саудиските екипи покажуваат интерес и за Лука Модриќ, Уго Лорис, Серхио Рамос, Серхио Бускетс, Нголо Канте, Анхел ди Марија и Роберто Фирмино.
Финансиски детали околу понудите засега не се познати, но целта на саудиските клубови е да потпишат договор со повеќето од овие фудбалери пред почетокот на новата прволигашка сезона во Саудиска Арабија која ќе стартува на 11 август.
Претставник на саудиската Влада, исто така, потврди дека властите преговараат со „играчи од светска класа“.
„Целта е да се изгради многу силна и конкурентна лига, и да се подигне нивото на саудиските клубови“, рече истиот извор.
Во јануари двегодишен договор вреден околу 200 милиони евра со саудискиот клуб Ал Наср потпиша португалската ѕвезда Кристијано Роналдо.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.