Поранешната претседателка на сега владејачкиот СДСМ и министерка во неколку негови влади, Радмила Шекеринска, со вчерашниот настап на прославата на годишнината од формирањето на Демократската унија за интеграција во хотелот „Александар палас“, уште еднаш потврди дека во нашата, домашна политика се возможни и невозможни салта мортале, пишува „Пресинг ТВ“.

Некогашната „комсомолка“, како што на собраниска седница, таму некаде кон крајот на 90-тите години од сега веќе минатиот век, ја именуваше режисерот Столе Попов, тогаш од редовите на Демократска алтернатива, како да тргна по стапките на Никола Димитров. Притоа, идеолошките разлики остануваат на страна. Зашто, Димитров, во улога на реформатор на ВМРО-ДПМНЕ, без никакви проблеми стана министер во владата на СДСМ, предводена од Зоран Заев, а потоа стана и вицепремиер за евроинтеграции.

Токму за него, екс-министерката за образование и член на најтесното раководство на СДСМ, Мила Царовска, гостувајќи во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија, на 7 јули 2020 година, изјави дека е „рециклиран кадар на Груевски (Никола н.з.) со додадена вредност“. Таа претходно, напаѓајќи го Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ, велеше дека високите функционери на партијата се рециклирани кадри на поранешниот премиер на земјава.

Шекеринска вчера говореше за измените на Уставот и вметнувањето на Бугарите во него.

Тезата дека нема алтернатива, според мене, не функционира. Многумина што ја поддржуваат тезата за уставни измени треба да ги разберат и оние граѓани што велат не. Главно се Македонци, но тој број не е за потценување. Најголем број од луѓето што се против уставните измени не се против ЕУ. Не треба да ги убедиме дека ЕУ е важна, некои знаат повеќе и од нас. Тој отпор не доаѓа од отпорот против ЕУ, туку од стравот дека ова не е крај. И тој страв не е нереален. Се плашат дека по тоа, ќе има нови барања, изјави Шеќеринска и додаде дека тие им должат на овие граѓани, притоа потенцирајќи дека „ако молчиме, тогаш и ние сме соучесници“.

Ваквиот став на Шекеринска се совпаѓа со ставот на 80% отсто од етничките Македонци, кои според сите анкети се против уставните промени. Но, што е многу поважно, тој е речиси идентичен и со ставот на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

И сега, според логиката на Царовска, нејзината партиска колешка Радмила Шекеринска конвертира во вмро-овски „рециклиран кадар на Мицкоски со додадена вредност“.

Останува дилемата како сега на утрешната лидерска средба премиерот Димитар Ковачевски ќе го убедува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во неисправноста на неговиот став околу уставните измени, кога очигледно истото го мислат и неговите сопартијци и соработници!

Без разлика на сè, Радмила Шекеринска вчера го уништи како меур од сапуница наративот на власта дека противниците на уставните промени се антиевропејци!

Извор: Пресинг ТВ



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.