Министерот за економија Крешник бектеши денеска повтори дека производите наведени во Одлуката за „гарантирана цена“ нема да бидат опфатени со предвиденото зголемување на данокот на додадена вредност (ДДВ). Доколку има какви било технички грешки, рече Бектеши, ќе се корегираат.
Тој уште еднаш потсети дека листата на производи со зголемен ДДВ е предлог на Министерството за финансии и на неа, истакна, со месеци работеле стручни луѓе.
Според Бектеши, сепак, повеќето производи остануваат со пет отсто ДДВ.
Доколку има какви било технички грешки, ќе се корегираат, а и веќе се корегирани целосно. Направено е и повеќе од тоа по предлог на медиумите и на граѓаните. Листата се прошири и повеќето од производите остануваат со пет отсто ДДВ. За останатите производи, како е утврдено да одат од пет до 10 отсто и кои се критериумите, би ве замолил да се обратите до Министерството за финансии. За нас, како Министерство за економија, е важно основните прехранбени производи, тие кои се на листата за замрзнати цени и со ознаката „гарантирана цена“ да останат на пет отсто ДДВ и тоа ќе биде така, нагласи Бектеши, одговорајќи на новинарски прашања по работниот состанок во Стопанската комора.
Тој, како што рече, се уште не проверил дали листата е објавена.
Денеска имав други состаноци, немав прилика да проверам, но, секако Одлуката е донесена во Владата, имаше соопштение од Министерството за финансии, од Министерството за економија и од Владата. Најверојатно денеска или најдоцна утре би требало да се објави согласно можностите на службениците, нагласи министерот.
Пред два дена Владата донесе Одлука за прецизирање на прехранбените производи кои имаат најниска стапка на ДДВ. Согласно Одлуката, со повластената стапка од пет отсто се даночат најголем дел од основните прехранбени производи меѓу кои: урдата, замрзнатото тесто, бебешките каши и адаптираното млеко за доенчиња, одредени видови кашкавали, лутеница, хербални чаеви, бибер, црвен пипер, вафли и наполитанки, конзервирано цвекло, феферони.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.