Во Софија започна состанокот на Советодавниот совет за национална безбедност што го свика претседателот на Бугарија Румен Радев, на тема „Улогата на Република Бугарија во проширувањето на ЕУ и во процесот на стабилизација и асоцијација: Република Македонија и Албанија“.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, претседателот на Бугарија на 16 декември во Брисел ја објави намерата да свика Советодавниот совет на кој ќе се разговара на темата Македонија.
Тој пред неколку дена изјави дека Бугарија продолжува да биде отворена за дијалог со Македонија. Радев повика на „гарантирање на правата на македонските Бугари, откажување од јазикот на омразата, прекин на процесите на дебугаризација, фалсификување на нашето илјадагодишно културно и историско наследство“. Според бугарскиот претседател, ова само ќе помогне во процесот на евроинтеграција, за конечно Бугарија да ја отвори вратата за преговори за членство на Република Македонија со ЕУ.
Новоизбраниот премиер на Бугарија Кирил Петков пред Народното собрание истакна дека владејачката коалиција има јасен заеднички став за Македонија. Од говорницата на Народното собрание, Петков најави дека на 18 јануари оди во Скопје на разговори, покажувајќи дека добрососедството е основен принцип за односите на Бугарија со Македонија.
Повод за посетата на Петков на Македонија е и 30-годишнината од признавањето на независната македонска држава од страна на Бугарија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.