Возило на телевизијата ТЕВЕ1 беше запалено во Зубин Поток, откако претходно беа нападнати новинари и беа оштетени, исцртани со српски и руски националистички симболи и исфарбани со боја, неколку други возила на медиуми на албански јазик кои известуваат од протестите на локалните Срби во северно Косово, јави МИА од Приштина.
Новинарот на ТЕВЕ1, Члиримтар Морина, кој известува од протестите на локалните Срби, во кои има повеќе маскирани лица, изјави дека не успеале да видат кој го запалил возилото и дека во инцидентот нема повредени.
Настанот се случи недолго откако Асоцијацијата на новинари на Косово (АГК) упати апел до домашните власти и меѓународната заедница за заштита на новинарите кои известуваат од протестите на Србите против новоизбраните градоначалници Албанци во општините со мнозинско српско население.
Според АГК, во текот на денешниот ден се случиле најмалку пет напади врз новинарите и медиумските екипи на косовскиот север.
Оштетени се возилата на телевизијата Дукаѓини и на порталот „Калѕо“, а нападнати се новинар и екипа на порталите „Перископи“ и „Газета Папирус“. Порано и албанската телевизија Топ Ченел објави дека е оштетено нејзиното возило.
На оклопно возило на косовската специјална полиција беше закачено државното знаме на Србија, додека на возило на мисијата на НАТО во Косово, КФОР, беше испишана буквата „З“ (Z), која е симбол на руската војна во Украина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.