Предлог-законот за поштенското гласање во Грција што ќе важи само за евроизборите и референдумите во земјата, денеска ќе биде доставен во грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.

Конкретниот закон се очекува да биде спроведен на претстојните европски избори во јуни, а предвидува Грците кои живеат во странство да гласаат исклучиво преку поштенско гласање, додека гласачите во внатрешноста на земјата ќе можат да одберат како ќе го остварат правото на глас или на избирачките места како досега или со гласање по пошта, под услов навремено да се пријават на соодветната платформа за оваа намена.

Според грчката Влада, со поштенското гласање се создава уште една алатка која ќе придонесе за намалување на неизлезноста, а преземени сите мерки за да се обезбеди тајност на гласањето.

На крајот на ноември грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис го соопшти предлог-законот што тогаш беше одобрен на владина седница, а за да биде изгласан потребен е 151 глас во Парламентот, односно не е потребно двотретинско мнозинство.

Очекувањата се дека законот ќе биде изгласан со поддршка од пратениците од владејачката Нова демократија, но и од опозициските СИРИЗА и ПАСОК.

Мицотакис тогаш истакна дека станува збор за „храбра реформа“, изборниот процес суштински се збогатува, а можноста за гласање по пошта е најсилниот одговор за малата излезност на граѓаните на изборите.

– Ова е навистина вистински напредок, тоа е големо демократско достигнување. Се однесува на многу категории Грци и Гркинки на кои физичкото присуство на гласачките места не им е лесно: стари лица, болни, лица со посебни потреби, млади луѓе кои работат сезонски, работници на денот на изборите, па дури и студенти или ученици кои го завршуваат средното образование кои можеби имаат испити и други приоритети. Сите овие, доколку го одберат, ќе можат да гласаат по пошта без патување и без непријатности, истакна тогаш Мицотакис.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.