Владите на Косово и Албанија одлучија на денешната заедничка седница во косовската престолнина да го укинат задолжителното регистрирање на граѓаните при премин на меѓудржавната граница во викендите и во текот на државните празници, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што беше објавено по денешната седница на двете влади, одлуката ќе биде во сила до 1 септември годинава, а за понатаму се подготвува нов договор, со други олеснувања за премин на границата меѓу двете држави.

Албанскиот министер за внатрешни работи, Бледар Чучи изјави дека оваа одлука е донесена со цел да се спречи создавањето колони на двете страни од границата во текот на летната сезона.

Со овој протокол се пропишува дека до 1 септември, секој викенд и секој државен празник, на нашите граници државјаните на Косово и на Албанија ќе преминуваат без да имаат потреба од регистрирање од страна на пограничните органи, со цел да не се создаваат редици и доцнења на граѓаните од двете страни, изјави Чучи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.