Откако неколку општини во Босна и Херцеговина беа погодени од поплави, здружението Помози.ба (pomozi.ba) почна акција за собирање пари, кои директно ќе одат за помош на тие подрачја и за само неколку часа собраа повеќе од 85.000 евра (околу 170.000 конвертибилни марки), јавија сараевски медиуми. Акцијата е се уште во тек и најголем дел од донациите дојдоа со јавување на бројот 17039, како и директно на веб-страницата каде има и информации за тоа како да се донира од странство.

Утрово катастрофални поплави зафатија голем дел од Босна и Херцеговина. Според најновите информации, бројот на жртвите е најмалку 20, а потрагата по исчезнати лица се уште трае. Најпогодени се општините Кисељак, Фојница, Јабланица, Коњиќ и Крешево.

Хрватска и понуди помош на Босна и Херцеговина откако соседната земја беше погодена од катастрофални поплави, објави владата во Загреб. Премиерот Андреј Пленковиќ ја контактираше својата колешка Борјана Кришто и изрази сочувство и понуди помош за санирање на последиците од природната катастрофа.

Хрватската влада веднаш ќе реагира и ќе ја обезбеди сета неопходна поддршка штом босанските власти ќе ги дефинираат конкретните потреби и ќе испратат официјално барање за помош, се наведува во соопштението.

Хрватска е подготвена да дејствува преку цивилната заштита, противпожарните бригади, министерствата за внатрешни работи и одбрана и преку хрватскиот Црвен крст, во зависност од формата на помош што ја бараат властите на БиХ.

Србија е подготвена на секој начин да му помогне на населението загрозено од поплавите во Босна и Херцеговина, изјави денеска српскиот претседател Александар Вучиќ и упати сочувство до семејствата на жртвите. Вучиќ на новинарите им изјави дека Србија е подготвена да помогне со хеликоптери, чамци, како и со сите други форми на поддршка и финансиска помош.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.