Во периодот од 15 до 21 јули во Грција биле регистрирани 534 случаи на семејно насилство и уапсени 338 лица, додека пак на 184 жени жртви на насилство им била инсталирана специјалната тајна апликација на грчката полиција „Panic Button“, јави дописничката на МИА од Атина.
Според податоците од грчката полиција девет жени биле згрижени во соодветни центри, кои функционираат во сите региони во рамките на полицијата, односно т. н. „безбедни куќи“ („safe houses“) за краткорочно безбедно сместување на жените жртви на семејно насилство, како и членови на нивното семејство, како што се нивните малолетни деца, на кои им е потребна заштита.
На крајот на март минатата година, грчката полиција ја воведе апликацијата „Panic Button“ за помош на жени жртви на семејно насилство и од неодамна е достапна во цела Грција, а станува збор специјална, тајна апликација за мобилните телефони што не дозволува трети лица кои можеби имаат пристап до уредот на жртвата да ја откријат и апликацијата.
Жените жртви на семејно насилство, откако ќе ја инсталираат апликацијата на нивните мобилни телефони, со притискање на едно копче, можат итно и безбедно да ја известат полицијата доколку се во опасност.
Апликацијата мора претходно да биде инсталирана и активирана во полициска станица и ги содржи сите податоци на жртвата на семејно насилство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.