Српскиот вицепремиер, Александар Вулин, кој присуствува на самитот на БРИКС во Казан, Русија, изјави дека Србија ја разгледува можноста за приклучување кон БРИКС, нагласувајќи дека оваа организација на земјите им нуди слобода на избор во меѓународните односи.

Вулин нагласи дека тој иднината на Србија не ја гледа во Европската Унија и дека БРИКС за неговата земја станува сериозна алтернатива на ЕУ, особено во актуелните политички околности.

Ваквата изјава доаѓа во време кога односите меѓу Србија и ЕУ се под притисок. Неодамнешното назначување на новиот европски известувач за Србија, хрватскиот европратеник Тонино Пицула, кој изрази став дека Србија нема да биде примена во Европската Унија без признавање на независноста на Косово и воведување санкции кон Русија, покажува дека барањата за пристапување во ЕУ нема да се сведе само на исполнување на неколку главни услови.

Ова додава тежина на изјавата на Вулин, бидејќи покажува дека пристапувањето на Србија во Европската унија е многу покомплексен и политички покомплициран процес отколку што можеше да изгледа досега.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.