Министерот за внатрешни работи на Србија и лидер на Социјалистичкото движење, Александар Вулин, гостувајќи на ТВ Хепи, истакна дека против Србија се води хибридна војна бидејќи земјата има независна политика.

Се води хибридна војна против Србија, затоа што Србија има независна политика и затоа што не воведовме санкции и нема да воведуваме санкции кон Руската Федерација. Вака не казнуваат. Имаме информации кој стои зад овие напади – изјави Вулин, прашан да ги коментира безбедносните закани и притисокот врз Србија преку извештаите за поставени бомби во авиони, а деновиве и во трговските центри.

Министерот нагласи дека станува збор за чист економски напад.

Кога ќе го затворите трговскиот, додека не проверите се, додека не ги вратите луѓето, целосно сте го изгубиле денот. Никој нема да пазарува во тој трговски центар, ќе избегнува да оди таму. Се прави сериозна економска штета. Тоа е економска војна што се води против нас. Мора да реагираме на секоја најава. Во иднина ќе се трудиме да делуваме попревентивно, да ги прегледаме трговските центри пред да се отворат. Ако видите повеќе полицајци во трговските центри, тоа не е затоа што има проблем, туку затоа што се грижиме за вашата безбедност – им порача министерот на граѓаните.

Вулин повтори дека ова е хибридна војна што се води против Србија и посочи дека се води и од територијата на ЕУ и од територијата на Украина.

Последниот напад дојде од сервер во Швајцарија. Станува збор за земји чија територија се користи за хибридни напади врз нашата земја. Имаме сознанија кој стои зад овие напади, можеме да докажеме нешто, не можеме да докажеме нешто. Се обративме до тие земји, се обративме до меѓународната заедница да ни помогне и да ни каже за работи кои доаѓаат од нивната територија. Повторувам уште еднаш неколку земји од ЕУ, а особено Украина и последен пат од Швајцарија – вели Вулин.

Министерот Вулин, сепак, истакна дека Србија е безбедна и сигурна земја.

Живејте нормално. Во ова море на нестабилност, Србија е остров на стабилноста – изјави српскиот министер за внатрешни работи, Александар Вулин.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.