Српскиот претседател Александар Вучиќ по седница на Советот за национална безбедност, вечерва изјави дека Србија е посветена на почитување на меѓународното право кое го гарантира правото на неповредливост на границите на Украина, дека е многу погрешно да се нарушува територијалниот интегритет на било која земја, вклучително и Украина, и додаде дека Србија нема да воведе санкции против Русија водејќи се од своите национални интереси, јави дописникот на МИА од Белград.
Вучиќ на прес конференцијата ги прочита заклучоците на Советот за национална безбедност кои ќе бидат упатени до Владата во наредните 48 часа, во кој се нагласува дека Србија искрено жали за се што се случува во Источна Европа и дека Русија и Украина ги смета за пријателски земји, а Русите и Украинците за братски народи.
Во заклучоците се нагласува дека еден од основните принципи на надворешната политика на Србија е почитувањето на територијалниот интегритет и дека Србија дава целосна поддршка за почитување на територијалниот интегритет на Украина.
Србија е посветена на територијалниот интегритет и политичката независност на државите и смета дека е многу погрешно да се нарушува територијалниот интегритет на која било земја, вклучително и Украина, стои во заклучоците што ги прочита Вучиќ.
Тој додаде дека Србија, кога ќе ја разгледува потребата од усвојување рестриктивни мерки или санкции, ќе се води исклучиво од заштитата на своите витални економски и политички интереси, почитувајќи ги традиционалните пријателства, не заборавајќи што се случувало во 1999 и 2015 година.
Врз основа на нашето искуство, не е во витален политички и економски интерес на Србија да воведе санкции кон која било земја, посочи Вучиќ и предупреди дека ова се тешки денови за нас и за сите граѓани на Европа и светот.
„Имајќи го сето ова на ум, се обидовме да заземеме, не само заеднички, туку и единствен став за прашањето за кризата во Украина, за прашањето за нашите постапки и реакции“, кажа тој.
Србија е на европскиот пат, што е наша стратешка определба, но Србија нема да избрзува во непријателства бидејќи тоа од неа го бара некој друг, изјави Вучиќ.
Вучиќ истакна дека Србија била соочена со бројни противречности, безброј проблеми кои не можат јавно да се презентираат.
Бевме соочени со многубројни и нескриени притисоци. Но и покрај тоа донесовме одлука трезвено и со студена глава, порача срспкиот преседател.
Тој оцени дека деновиве имало толку многу лаги и дезинформации во медиумите во Србија и во регионот за прашањето за ставовите на Србија, за што се праша зошто некој толку многу сака да гледа во српскиот двор и да и наштети на Србија.
Тој посочи дека Србија поради можната криза во светот обезбедила се за земјата, од енергенти до храна, дека има доволно пченица и пченка за шест месеци, а купила 30 милиони килограми брашно.
Чекаме потврда за дополнителни количини млеко во прав, бидејќи го нема во светот, се обидуваме да договориме дополнителни количини со нашите кинески пријатели, изјави Вучиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.