Мислам дека никогаш не сме биле во покомплицирана и потешка ситуација кога станува збор за Косово од денес, ги молам Албанците да се вразумат, а Србите да не реагираат на провокации, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ во денешното обраќање до јавноста, јави дописникот на МИА од Белград.
Исто така, барам од претставниците на моќните земји да обрнат малку внимание на меѓународното право и реалноста на теренот и да не дозволат нивните штитеници да предизвикаат конфликт. Мислам дека на Западот не му одговара конфликт на Косово, молам и барам да се зачува мирот. Од синоќа имав многу разговори, особено со Лајчак. Ако мислат дека 17 март може да се повтори, тоа нема да се случи, рече Вучиќ и додаде дека „ако се осмелат да тргнат во прогон на Србите, Србија ќе победи“.
Како што кажа Вучиќ, Албанците однапред ги испратиле своите единици со 21 тон гориво и се останато на административните премини Јариње и Брњак, со желба да ги запрат сите што имаат српски лични карти, а сето тоа да почне на полноќ, со истовремено убедување на Србите да се откажат од регистарските таблички.
Приштинскиот режим се обидÑ �ва секогаш да се прави жртва и да го искористи расположението во светот каде што мислат дека „големиот Путин“ му наредил на „малиот Путин“, па „новиот Зеленски“ во ликот на Курти ќе го спаси народот од големосрпската хегемонија, рече Вучиќ.
Кога станува збор за личните карти, тој појасни дека Албанците во Приштина се повикуваат на точка 3, во која се вели дека „секоја страна може да спроведе систем со кој личните карти ќе бидат придружени со писмен документ за влез-излез за жителите од другата страна кои транзитно патуваат во трета земја“, додека во фуснотата стои дека ќе користат статусно неутрален јазик.
Албанците во моментов го користат ова, иако никој не разбира зошто, како да не им е доволно што веќе прават што сакаат. Како некој намерно да сака да предизвика тензии и проблеми, изјави Вучиќ.
Тој посочи дека она што се дефинира „за жителите на другата страна кои патуваат транзитно во трета земја“ не може јасно и недвосмислено да важи за Србите од Косово.
Не можете да ги запрете Србите од Зубин Поток, Звечан, Косовска Митровица и да кажете дека не можат да преминат со српска лична карта, бидејќи не ја претставуваат другата страна, ниту тие транзитираат во трета земја, нагласи тој.
Според него, „друга работа е што Албанците сакаат реципроцитет, што нема никаква смисла“.
Според истиот договор, Приштина донела одлука и за табличките.
Тој изјави и дека Бриселскиот договор предвидува формирање Заедница на српски општини, а од формирањето на ЗСО поминале 3.390 дена.
Ако има меѓународен договор што не му одговара на Курти, тој вели „не е добар ниту за Србите“, бидејќи претпоставувам дека тој знае подобро. Кога Србите сфатија дека Албанците нема да го спроведат во 2021 година, почнаа да ставаат банери и билборди со порака „Добредојдовте во ЗСО“ и тие што ги поставија беа уапсени, рече Вучиќ.
Вучиќ додаде дека вчера беа уапсени момчиња кои носеа маици на кои пишуваше: „Не се предаваме“, а на Видовден е уапсено момче кое пеело патриотски песни.
Уплашен сум поради реакцијата на српскиот народ. Мој совет е нашиот народ да биде мирен, да ја задржи својата присебност. А, ако почнат да протестираат, тоа да го прават мирно. Да не им се дава причина на Албанците да пукаат во народот. Само да бидеме мирни и да ни дадат на времето. А, ги молам Албанците, поради непромисленоста на Курти и неговите соништа да биде претставен во светот како новиот Зеленски, да не дозволат да ги нападнат Србите. Атмосферата е доведена до вриење, Србите нема да трпат повеќе ѕверства, порача српскиот претседател.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.