Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска разговараше со амбасадорите на земјите од Квинта и шефот на делегацијата на Европската унија во Србија „за бројни прашања“, а сите информации за позициите искажани од партиите ќе бидат објавени во наредните 36 часа, јави дописникот на МИА од Белград.
Ова се наведува во кусото соопштение на прес-службата на претседателот на Србија по средбата со амбасадорите на САД, Германија, Велика Британија, Франција, Италија и ЕУ, која се одржа неколку часа по почетокот на рускиот напад на Украина.
Вучиќ синоќа изјави дека „ќе излезе со целосен одговор на украинската криза во следните 48 часа“.
Нашите позиции целосно ќе се засноваат на почитување на меѓународното јавно право, тие ќе бидат апсолутно принципиелни и нема да се разликуваат во однос на она што го мислевме и зборувавме во 2000, 2015 и денес, изјави синоќа Вучиќ.
Претставниците на ЕУ и САД изјавија дека очекуваат Белград да го усогласи својот одговор на признавањето на Русија на двата отцепени региони во источна Украина со Западот, вклучително и во однос на санкциите.
Вучиќ во 13 часот закажа седница на Советот за национална безбедност, а во 15 часот треба да се одржи владина седница на која е поканет и тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.