Коментирајќи ги пораките на шефот на руската држава за можната реакција на Кремљ, српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека верува оти Владимир Путин не блефира кога зборува за своите идни потези.

Во денешното обраќање до нацијата, по декретот за мобилизација на дополнителни сили на руската армија, Путин повторно му се закани на Западот.

„Доколку е загрозен територијалниот интегритет на нашата земја, ќе одговориме со сè што ни е на располагање за да ги заштитиме Русија и нашиот народ. Ова не е блеф“, рече Путин.

Вучиќ во интервју за американската ТВ мрежа Newsmax изрази очекување дека ќе завладее мир и дека ќе се постигне компромисно решение меѓу Русија и Украина.

Новинарот на Newsmax рече дека Западот е загрижен по обраќањето и изјавата на Путин за можно искористување на сите воени капацитети и го праша Вучиќ, кој неколкупати се сретна со рускиот лидер, дали мисли дека рускиот претседател блефира.

„Во Србија се надеваме дека мирот ќе надвладее и дека сите ќе направат сè за да се постигне компромисно решение. Не можам да зборувам како воен аналитичар, туку како претседател, да одговорам на ова прашање, но да, точно е, многу пати се видов со претседателот Путин и не верувам дека блефира“, изјави Вучиќ, кој е во Њујорк на седницата на ОН, пренесуваат српските медиуми.

Во текот на емисијата водителите напоменаа дека Србија има добри односи со Русија и го прашаа Вучиќ каков е односот на Србија кон конфликтот во Украина.

„Имаме традиционално добри односи со Русија и Украина“, нагласи Вучиќ, посочувајќи дека Србија не зазема страна и секогаш ќе ја осудува војната.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.