Додека Европа и меѓународната заедница го постигнуваат привремениот договор кој беше постигнат меѓу Белград и Приштина во врска со регистарските таблички, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека обновувањето на табличките на КМ се одвива нормално и дека нема никакви обврски на овој план. Зборувајќи за предлогот на ЕУ за конечниот договор, тој рече дека Србија има свои „црвени линии“, пишува Н1.
– Ние велиме дека не го сакаме Косово во ОН и што потоа – ќе нѐ бомбардирате, ќе ни се заканувате со санкции, што? – праша Вучиќ на прес-конференција во Белград, по средбата со претседателот на Република Српска Милорад Додик и членката на Претседателството на БиХ Жељка Цвијановиќ.
Тој исто така додаде дека „не е проблем“ веднаш да се прекинат преговорите, но „тогаш како мислите дека ќе ги решите овие проблеми“.
Запрашан што ќе се случува на изборите на северот на Косово, кои се закажани за 18 декември, вели дека Србите од Косово рекле дека услов им е формирање на Заедницата на српски општини, ЗСО. Вучиќ рече дека косовските Срби нема да се вратат во институциите додека не се формира ЗСО, што беше нивен втор услов, заедно со оној да нема казна за менување таблички.
– И да сакам, а не сакам, не можам да ги убедам Србите на Косово во такво нешто (да се вратат) – рече Вучиќ.
Тој рече дека „не е лесен период пред нас“, но оти верува „дека ќе успееме да ги зачуваме мирот и стабилноста“. Според него, старите табличките на КМ на Косово, (кои Приштина сака да ги замени со РКС(Република Косово) „остануваат и опстојуваат“ и дека нивното обновување се одвива нормално, бидејќи „никаде нема никаква обврска во овој поглед“.
– Тие (Приштина) имаа подобар договор пред два дена отколку што постигнаа вчера – изјави Вучиќ и рече дека на Косово има 7.000 КМ таблички и околу 2.000 во „средна Србија“.
Вучиќ рече дека од клучно значење е во изјавата по постигнувањето на договорот да стои дека е неопходно да се исполнат сите претходно постигнати договори. Зборувајќи за ситуацијата на север, тој рече дека ситуацијата со Србите на Косово „врие“.
Потсетуваме, шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, синоќа соопшти дека преговарачите на Србија и Косово договориле мерки за да се избегне натамошна ескалација.
– Србија ќе престане да издава регистарски таблички со имињата на косовските градови, а Косово ќе ги прекине понатамошните активности поврзани со пререгистрацијата на возилата – рече Борел.
Главниот белградски преговарач во дијалогот со Приштина, Петар Петковиќ, објасни дека договорот во Брисел значи дека нема казнена политика кон Србите кои возат автомобили со таблички КМ и дека од денеска нема да има казни од 150 евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.