Српскиот претседател, Александар Вучиќ, на отворањето на самитот на Европската политичка унија во Гранада, се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски, со кого, како што рече, имал „краток и отворен разговор“ за сите важни прашања.

Краток, отворен разговор со претседателот Зеленски за сите важни прашања“, напиша Вучиќ на својот Инстаграм профил.

Претходно во текот на денот, на маргините на самитот, Вучиќ се сретна и со премиерите на Норвешка, Луксембург и Холандија, Јонас Гар, Ксавиер Бетел и Марк Руте, со кои, како што напиша на Инстаграм, разговарал за актуелната ситуација во Косово, билатералните односи и прашања од значење за Србија.

За разговорот со Руте, Вучиќ напиша дека имал „добар состанок“ со него и дека разговарал за „ситуацијата на Косово и Метохија, продолжувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина, како и натамошните чекори кон европскиот пат на Србија“.

На маргините на средбата, Вучиќ разговараше и со премиерите на Велика Британија, Риши Сунак, Шпанија, Педро Санчез, Унгарија, Виктор Орбан и на Македонија, Димитар Ковачевски.

Претходно, Вучиќ рече дека го очекува тежок и напорен ден, но дека се надева на напредок.

Вучиќ за новинарите во Гранада изјави дека ќе има и билатерални средби со високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел, францускиот претседател Емануел Макрон и други официјални претставници.

На третиот самит на Европската политичка заедница, што се одржува денеска во Гранада, се собраа лидерите на 47 европски земји, меѓу кои и на Западен Балкан и највисоките претставници на ЕУ, а една од главните најавени теми е проширувањето на Европската унија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.