Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека денеска во Брисел нема да разговара со Албин Курти бидејќи, како што наведе, косовскиот премиер не е заинтересиран за мир, туку само за протерување на Србите од Косово и Метохија.

Вучиќ во гостувањето на РТС рече дека „знае дека се приближило донесувањето на различни одлуки“.

Денеска ќе одам во Брисел да разговарам со (високиот претставник на Европската унија, Жозеп) Борел колку што сака, час, два, десет. Но, со Курти немам за што да разговарам, рече Вучиќ.

Тој нагласи дека Србија е во тешка ситуација, потсетувајќи дека таа е единствената земја во Европа која не воведе санкции кон Русија поради војната во Украина.

Ние сме под најголем притисок. За Косово и Метохија, денес разговараме само со колективниот Запад. Сакаме да изградиме посериозни и одговорни односи со САД, но некои луѓе треба да ги разберат нашите политички ставови и да сакаат да не сослушаат. Што се однесува до Европејците, ние ќе ги слушаме, но не ја разбирам смислата за одењето во Брисел. Одам да разговарам со нив за да не ми кажат дека не сум дошол во Брисел, додаде Вучиќ.

Во одговор на тврдењето за заострување на реториката кон Приштина, Вучиќ рече дека не верува во тоа.

Ќе се бориме за народот на Косово и Метохија и за нашата позиција“, повтори Вучиќ, кој исто така рече дека во Брисел ќе однесе извештај за здравствената состојба на уапсените Срби, кои ги посетил офицер за врска.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.