Српскиот претседател Александар Вучиќ по денешната средба со европските посредници Жосеп Борел и Мирослав Лајчак во врска со деескалација на ситуацијата на Косово, изјави: „Разговорите ќе продолжат на дневна основа бидејќи веруваме дека мирот и стабилноста се од клучна важност, но и дека ги предупредил европските посредници дека Србите се во тешка положба поради теророт на косовскиот премиер Албин Курти“, јави МИА од Белград.

На прашањето дали европските посредници инсистирале на трилатерална средба на која тој ќе биде на маса заедно со Курти, Вучиќ рече дека секогаш доаѓал на секој разговор и дека смета дека дијалогот е корисен и лековит и дека е важно да се разговара за секој проблем за да тој се надмине.

„Но, во овој момент, не гледам причина да разговарам со човекот кој произведува провокации секој ден бидејќи тоа е неговата фанатична идеологија и мислам дека трилатералните разговори ќе донесат штета, и затоа мислам дека тоа е бесмислено“, рече Вучиќ.

Тој рече дека денес на средбата престави посебен извештај за повредите на лицата кои беа уапсени, а тие не биле виновни за ништо.

Им го предадов на Борел и Лајчак, во каква состојба се, кој ги претепа, до тој степен што хирургот Албанец не сакаше да потпише, велејќи дека тоа можеле да го направат само ѕверови“, рече Вучиќ.

Вучиќ порача дека луѓето мора да разберат едно, а тоа е дека Косово е независна држава за мнозинството земји од Европската Унија.

Тоа е нивно дете. Го чувале кога бил во лулка, сега тинејџерот е малку палав, но сепак го чуваат. Нашата позиција е многу тешка, сè што се однесува на Украина не важи за Србија, но тоа е право на посилниот на кое треба да се навикнеме“, рече претседателот на Србија.

На прашањето дали е постигнат некаков договор, тој рече дека не може да каже дека е направен чекор за деескалација, и дека европските посредници направиле се што е во нивна моќ да разговараат за тоа и добро да разберат што се случува на терен.

Она што ќе се случи понатаму зависи малку од Борел и нас, а повеќе од оние кои не беа заинтересирани за мир и стабилност. Во секој случај, мислам дека секогаш е добро кога ќе слушнете некого и ќе можете да разјасните нешто. Не гледам никаква штета од состаноците, ако се случи нешто добро, одлично – ако не, што да правиме. Наше е да направиме се што е во наша моќ, да се потрудиме, да сфатиме колку е тоа важно“, изјави Вучиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.