Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска соопшти дека ова е негов последен претседателски мандат.

На почетокот на годишнoто обраќање, Вучиќ рече дека „нема да го менува Уставот“ за да остане подолго време претседател на Србија.

Ова е мојот последен мандат, нема да го менувам Уставот. Наскоро во првата половина на следната година повеќе нема да бидам претседател на политичка партија, рече Вучиќ.

Тој вечерва на годишната прес-конференција изјави дека граѓаните на Србија можат да бидат задоволни од претходната година, бидејќи е зачувана финансиската стабилност, а економијата пораснала меѓу 2,3 и 2,5 отсто.

Мојата работа е да бидам на страната на граѓаните и секој човек во државата и тоа ќе го направам на најдобар начин и покрај тешките околности со кои се соочуваме, рече Вучиќ и оцени дека 2023 година ќе биде тешка година за целиот свет.

Тој изјави дека Србија има најниска стапка на невработеност досега од 8,9 отсто и дека привлекла 66 отсто од вкупните странски инвестиции во Западен Балкан, а бруто домашниот производ (БДП) лани изнесувал 60,3 милијарди евра.

Зборувајќи за ситуацијата на Косово, претседателот на Србија рече дека „се соочуваат со тешки предизвици во однос на Косово и Метохија и дека едвај ги зачувале мирот и стабилноста“.

Ние не испровоциравме никого, освен ако некој не го смета за провокација тоа што го почитуваме нашиот Устав и ги штитиме граѓаните. Не направивме ниту еден инцидент, ниту еден погрешен потег. Не можеме да им се спротивставиме на големите сили, ние сме мали, Германија, Америка и Европа се големи… Мали сме, но денес, како што стојат работите во светот, дури 106 земји не го признаваат Косово, истакна Вучиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.