Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави по средбата со кинескиот претседател Кси Џинпинг дека му се смееле кога рекол дека во Белград ќе воведе летечко такси и дека Србија веќе разговара со една кинеска компанија со цел ваков превоз да се воспостави до 2027, кога во Белград се одржува ЕКСПО.

Засега нема да го откријам името на фирмата, но е една од најпознатите во светот, па не е тешко да се дознае која е. Разговараме и со производител на електрични автомобили од Кина, кој исто така е заинтересиран за влез во нашата земја“, кажа Вучиќ.

Тој потсети дека Србија купила повеќе од десет возови од Кина и кажа дека го замолил Кси да ја разгледа можноста за нивно производство во Србија, со цел да можат да ги купуваат и други европски земји.

Кинескиот лидер ја посети Србија во рамките на својата куса европска турнеја, која ги опфати и Франција и Унгарија. Посетата на Белград се совпадна со 25-годишнината од бомбардирањето на кинеската амбасада од страна на НАТО.

Во рамките на посетата, Кина и Србија потпишаа низа билатерални договори за соработка и нагласија дека двете земји ги врзува челично пријателство.

Специјалниот пратеник за Балканот од САД, Габриел Ескобар денес на брифинг со новинари порача дека не било корисно ниту пак било време Србија да ги зголемува тензиите со Западот. Тој рече дека бомбардирањето на амбасадата на Кина во Србија било грешка и дека САД ќе им дадат оштета на семејствата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.