Српскиот претседател, Александар Вучиќ, изјави дека Косово создава исклучително силна воена сила и дека тој процес е раководен од САД, спротивно на меѓународното право и резолуцијата 1244 на ОН.
Вучиќ нагласи дека поради тоа, Србија мора драстично да ја зајакне својата војска.
До 2027 година планираат да имаат 5.500 професионални војници во таканаречените Косовски безбедносни сили и 20.000 во резервите, изјави Вучиќ за време на обиколката на Дежурниот оперативен центар на Воената безбедносна агенција (ВБА).
Српскиот претседател кажа дека тоа не е дозволено според меѓународното право и одлуката на Обединетите нации, но дека тоа нив не ги интересира „затоа што им се може“.
Вучиќ прецизираше дека Косово добива најголема воена помош од САД, Турција, Германија, Велика Британија, но и од Хрватска.
Според него, ситуацијата не е лесна бидејќи Србија е опкружена со земји членки на НАТО, чии сили се распоредени и во Босна и Херцеговина, која не е членка на НАТО.
Мора да имаме силна армија, бидејќи без неа не можеме да постоиме како држава, нагласи Вучиќ.
Српскиот претседател изјави дека со дополнително вооружување на Косовските безбедносни сили се уништува меѓународниот правен поредок и дека целта, спротивно на резолуцијата 1244, не е само целосно отстранување на трагата на постоењето на Србија од територијата на Косово , туку и да се отстрани од него сиот преостанат српски народ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.