Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој со премиерката Ана Брнабиќ и членови на владата е на средба со Србите од Косово во Рашка, им порача да се почитуваат одлуките што ќе се донесат на средбата и дека единствената цел на Приштина е да ги испровоцира Србите за да се претстават како жртви на „Зеленски“ и да ја вовлечат Србија во конфликт со НАТО, јави дописникот на МИА од Белград.

Знам дека донесовте одлука да не учествувате на изборите. Ги повикувам сите во КиМ да се обединат. Повик до сите како што сте донеле одлука така и да се однесувате и да го почитувате тоа, рече Вучиќ во Рашка.

Тој додаде дека локалните избори во четири општини на северот на Косово значат дека 99 отсто од граѓаните не се прашуваат ништо и иронично истакна дека „претпоставува дека ова е демократија која, ако ја загрозиме, ќе бидеме тирани и ја нарушуваме стабилноста на Балканот“.

Нивната единствена цел е да извршат што повеќе и што е можно посилни провокации за да можат да се претстават како некој вид загрозен Зеленски и да не доведат во конфликт со НАТО, а потоа да го ослободат целиот свет од, како што велат, руски слуги. Тоа е целата смисла на сè што прават, изјави Вучиќ.

Тој оцени дека премиерот на Косово, Албин Курти, инсистира да се одржат избори на северот на Косово, на кои, како што рече, ќе учествуваат партиите на Курти и Тачи, за градоначалниците да бидат од тие партии, а потоа да кажат дека тие општини на север не сакаат да бидат дел од Заедницата на српските општини (ЗСО).

Вучиќ смета дека Курти инсистира да се одржат изборите за да каже – сакавме да формираме ЗСО, но Митровица, Зубин Поток и Звечан повеќе не се српски општини и не сакаат да се приклучат на ЗСО. Тој додаде дека ова на Курти би му купило уште шест месеци или една година додека „не помине окупацијата наметната од Курти“, за Западот на тоа да каже – не се мешајте во тоа.

Да не ги попречуваме во тоа што 0,67 или 0,86 граѓани избираат свои претставници, а останатите 99 отсто не се прашуваат ништо. А тоа е, претпоставувам, таа демократија, која ако ја загрозиме ќе бидеме тирани, разрушувачки фактор, изјави Вучиќ.

Тој се осврна и на проблемот со регистарските таблички на Косово.

Вчера до Брисел го проследивме нашиот последен предлог, кој е повеќе од компромисен од наша страна, и ако не го прифатат, не можам да кажам дека ќе спроведеме реципрочни мерки, бидејќи не сме исти во правниот и политичкиот статус, но ќе преземеме мерки кои ќе направат значаен и сериозен одговор на страната која користи сила и апарат на репресија за да ги малтретира нашите граѓани, рече Вучиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.