Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави вечерва дека тој и рускиот претседател Владимир Путин се договориле за купување гас по поволни цени и дека ќе разговараат за долгорочен аранжман.
Во интервју за РТС, тој рече дека договорил шест милиони кубни метри гас дневно според формулата за нафта, која се пресметува врз основа на дневната цена на таа енергија на Холандската берза (TTF).
„Вчера гасот на ТТФ чинеше 440 долари, а за Србија 323 долари, што е многу поповолно“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека е договорена и испорака на два милиони кубни метри гас за руските компании во Србија, како што се Нафтената индустрија на Србија и Петрохемија.
Вучиќ изјави и дека се договорени дополнителни три милиони кубни метри гас, чија цена ќе се пресметува 70 отсто според цената на ТТФ, а 30 отсто според „нафтената формула“.
Тој потврди дека ќе разговараат и за долгорочното снабдување со руски гас за Србија со одредени „компромиси за работите од минатото“.
„Ние имаме вкупно 645 милиони кубни метри гас во резерви, така што луѓето не треба да се грижат. Цените што успеавме да ги договориме со руската страна се многу добри“, изјави Вучиќ.
Истакна дека е многу благодарен на руската страна за поддршката и помошта што им ја пружаат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.