Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ, изјави дека за Србите на Косово секој ден е „терор“ и дека премиерот на Косово, Албин Курти, би сакал Србија да направи „погрешен чекор“ за да дојде до ескалација, јави дописникот на МИА од Белград.

Тој на Радио-телевизија на Србија (РТС) рече дека „Курти продолжува со својата политика“, дека вчера властите во Приштина ги „нападнале институциите на Електропривреда Србија“ и дека се надева дека некој од меѓународната заедница ќе реагира, иако се плаши дека „сепак нема да реагира“.

Вучевиќ кажа дека добрата вест е што во Косово успешно е спроведен завршниот испит за основците.

На вчерашната свечена седница на Владата во Крушевац по повод Видовдан, како што рече српскиот премеир, фокусот бил ставен на внатрешната и надворешната безбедност на Србија, зачувувањето на културниот идентитет и културното наследство и економијата.

Добро е што во првиот квартал од годинава привлековме повеќе од две милијарди евра директни странски инвестиции, имаме 615 милијарди на сметка на буџетот, имаме најголеми девизни резерви – 27 милијарди евра. Сето ова покажува дека Србија е економски стабилна, изјави Вучевиќ за РТС.

Коментирајќи ја перспективата за пристапување на Србија во Европската Унија, Вучевиќ рече дека земјата „останува на европскиот пат“ и дека според годишниот извештај се создадени услови за отворање нов кластер, но дека тоа „секогаш на крајот завршува со политичка оценка дали некому му се политички погодни“.

Тоа се сведе на прашање на политика, а не на прашање за исполнување на пристапниот процес, рече Вучевиќ и додаде дека Србија направила многу на полето на владеењето на правото, политичкиот систем, економијата и инфраструктурата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.