Бројот на загинати во железничката несреќа во Грција се зголеми на 57 лица, според официјалниот брифинг од портпаролите на грчката полиција и грчката противпожарна служба, заклучно со 19.15 часот по локално време.

Портпаролката на грчката полиција Константина Димолиду објасни дека досега биле пријавени 56 лица за исчезнати, а се потврдени 57 загинати, односно еден повеќе од пријавените, а во болниците се хоспитализирани 48 патници, од кои шест се на одделите за интензивна нега, додека пак паралелно во тек е идентификација на жртвите.

Досега во грчката полиција официјално се пријавени 56 патници како исчезнати. Се нагласува „досега “, бидејќи постои можност некој да бил во возот и да не бил пријавен за исчезнат од блиски или роднини. Засега потврдената бројка на мртви кои се извлечени е 57. Односно еден повеќе од пријавените во списокот, рече Димолиду.

Во однос на идентификација на жртвите, објасни дека се врши преку ДНК, земени се 55 примероци од телат, 52 примероци од роднини на патниците и 26 примероци од пронајдените делови од човечки тела.

Досега се извршени 24 идентификација на тела од Управата за криминалистички истраги, 20 со ДНК анализа, две со ДНК и анализа на отпечаток од прст и две само со метод на анализа на отпечатоци. Иако процесот на ДНК вообичаено трае неколку дена, се прават напори тој да заврши до утре, објасни портпаролката на грчката полиција и додаде дека веќе е започнат процесот на информирање на најблиските на идентификуваните жртви.

Портпаролот на Противпожарната служба Василиос Ватракојанис информираше дека операцијата за пребарување на местото на железничката несреќа продолжува и во следните часови.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.