Со учество на над 1.300 изложувачи од 25 земји и домаќинот Грција, денеска во Солун почнува 88-от Меѓународен саем, а оваа година почесна земја е Германија, јави дописничката на МИА од Атина.

Меѓународниот саем во Солун се одржува традиционално секоја година во септември и е домаќин на странски изложувачи, учество на земји од целиот свет, странски и домашни политичари и слично, а официјалното отворање е со говор на премиерот на Грција, кој ја соопштува владината програма за следниот период.

Оваа година на саемот учествуваат 1.300 изложувачи и 25 земји, седум повеќе од лани, а за Велика Британија, Катар, Јапонија, Еквадор, Косово и земјите од Супсахарска Африка ќе биде прво учество.

Според организаторите, учеството на Германија како почесна земја носи во Солун 135 компании, организации, институции, истражувачки центри и мрежи за соработка, германската делегација ја сочинуваат 400 лица, а главните сектори се градежништво, консултантски услуги, обновливи извори на енергија и технологија за животна средина, дигитална економија, здравствена индустрија и медицинска технологија, образование и истражување, логистика за транспорт.

Германскиот штанд, се очекува свечено да го отворат премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис и вицеканцеларот на Германија Роберт Хабек.

Вечерва е и свеченото отворање на 88-от саем, ќе се обрати грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, додека за утре е закажана традиционалната прес-конференција.

Во рамките на саемот планирани се низа настани, меѓу кои највпечатливи се очекува да бидат шоута со дронови (Drone Light Shows).

Паралелно со отворањето, како и секоја година, така и сега, најголемите грчки синдикати закажаа протести.

Меѓународниот саем ќе трае до 15 септември, во текот на следната седмица прес конференции ќе одржат лидерите на опозициските партии, а следниот викенд се прес-конференција да има претседателот на СИРИЗА Стефанос Каселакис.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.