Во Словенија започна процесот за спроведување на парламентарни избори, распишани за 24 април од претседателот Борут Пахор. Веќе од денеска може официјално да се предлагаат кандидати за 90 пратеници во новиот состав на Парламентот.

Кандидатите за пратеници можат да бидат предложени и од политички партии и од самите гласачи. Последен рок за поднесување на кандидатските листи е 24 март, кога започнува и официјално предизборната кампања. Најдоцна до 9 март, организаторите на изборните кампањи мора да отворат посебни трансакциски сметки. Со нив, тие ќе ги подмируваат сите трошоци за предизборни активности.

Пахор минатата недела официјално ги закажа парламентарните избори за 24 април, деветти по ред откако Словенија е самостојна држава.

Тогаш, претседателот изјави дека раното одржување на изборите, дава можност новата Влада да се формира пред летните одмори, па мандатот за нејзино составување ќе го даде на кандидатот, кој ќе има потписи за поддршка од најмалку 46 од 90 нови пратеници – апсолутно мнозинство.

Пахор смета дека на изборите ќе излезат што повеќе гласачи, дека изборниот процес ќе се одвива во безбедни услови, без разлика на епидемиолошката состојба во тој момент во Словенија



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.