Фентанилот, попознат како „зомби дрога“ се приближува кон Балканот. Во Словенија се забележани два случаи на фатални предозирања, а причина за загриженост е тоа што се работи за исклучително силен опијат кој лесно се пушта на црниот пазар.
Цела Европа е во голем страв од ширењето на фентанил и неговите деривати на црниот пазар. Станува збор за опијат познат во јавноста под името „зомби дрога“ кој ги преплави САД и од чие разорно дејство годишно во таа земја умираат приближно 100.000 зависници. Фентанилот се проби на улиците од здравствените установи каде легално се користи за ублажување на болката кај пациенти со напредна фаза на малигни заболувања. Неговото дејство е слично на морфиумот, но е многу посилно. Затоа, по него „на улиците“ најчесто посегнуваат зависниците од хероин.
„Посебно е загрижувачко што дури и по едно консумирање може да го направи лицето кое го земало сериозен зависник, а многу мала количина може да доведе до запирање на срцето. Поради непрофесионалното ракување со овој опијат, особено при нарачување фентанил на Интернет, може да дојде до вдишување на прашината од отворен поштенски плик во кој се наоѓа дрогата, што пак, може да доведе до труење и смрт поради откажување на белите дробови“, предупредуваат експертите.
Дилерите во него препознаа предност во однос на другите таканаречени тешки дроги. Фентанилот може да се произведува во импровизирани лаборатории, односно не треба да се увезува како хероинот од Авганистан. Освен тоа, има посилно дејство од хероинот, поевтин е и полесен за шверц. Дилерите често им го испраќаат на своите клиенти по пошта, односно во пратка.
Ова предизвикува огромни главоболки на полицијата, која во САД, но и пошироко во светот се занимава со сузбивање на трговијата со овој опијат.
Поради фаталните случаи на предозирање со фентанил, загриженост за ширење на овој силен опијат веќе има во Хрватска. Според податоците на хрватското Министерство за внатрешни работи, во четири случаи на предозираност досега е идентификувано присуство на фентанил или негови деривати. Но, Mинистерството за внатрешни работи напоменува дека смртта во тие три случаи не настапила поради предозирање со фентанил, туку се работи за зависници од дрога, кај кои смртта настапила како последица на лошата здравствена состојба, предизвикана од консумацијата на дрога. Тие првпат го сретнале во 2017 година за време на запленувањето на писмо испратено од Кина, земја која, според Хрватскиот институт за јавно здравје, е идентификувана како еден од глобалните извори на овој исклучително моќен опијат и неговите деривати.
На територијата на Европската унија во 2021 година се регистрирани 137 смртни случаи предизвикани од предозирање со „зомби дрогата“. Со 88 смртни случаи во истата година, Германија беше далеку пред другите земји од ЕУ.
Во декември 2023 година, српското Министерство за здравство ја информираше јавноста дека нема регистрирани смртни случаи предизвикани од фентанил во Србија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.