Основното обвинителство во Приштина соопшти дека во полициска акција спроведена во текот на денешниот ден се уапсени пет лица кои се сомничат дека „извршиле кривични дела на организиран начин како криминална група“, како „учество или организирање на организирана криминална група“, во врска со кривичните дела „фалсификување исправа“ и „криумчарење мигранти“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според заедничкото соопштение за медиумите на Основното обвинителство во Приштина и косовската полиција, полициската акција била спроведена во регионот на Приштина и Јужна Митровица, а опфатила пет различни локации.

Петмината уапсени, се вели во соопштението, се машки лица, косовски државјани и се идентификувани со иницијалите К.К., (роден 1965 година), Г.Т. (1969), Е.А. (1970). , Х.Х. (1978) и Е.Р. (1992).

Во акцијата, меѓу другото, одземени се 21 патна исправа од различни европски земји, како и срдства за фалсификување документи.

– При контрола извршена во имоти/станбени куќи, пронајдена е опрема за изработка на патни исправи за различни држави, при што како материјални докази се одземени: 21 пасош од различни европски земји, пет дозволи за престој, лични карти и возачки дозволи од различни земји, разни електронски уреди и материјали за кои постои сомневање дека служат за изработка на (фалсификувани) документи, четири мобилни телефони, 1.860 евра, 48.700 албански леки, 10 фунти, 395 турски лири, еден автомобил со косовски регистерски таблички , еден автомобил со албански регистарски таблички, се наведува во соопштението.

Со решение на државен обвинител, на петмината уапсени осомничени им е одреден притвор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.