Околу 150.000 случаи на Ковид-19 се активни во Грција, а во изминатите седум дена зголемен е бројот на починати, во просек по 100 дневно, јави дописничката на МИА од Атина.

Професорката Вана Папаевангелу која е и член на комисијата на епидемиолози во Министерството за здравство на Грција рече дека бројот на активни случаи не е дополнително намален во изминатата седмица и сè уште е околу 150.000, а за бројот на новозаразени, објасни дека во просек се 18.000 случаи дневно, додавајќи дека поради снежната бура и со оглед на тоа дека беа целосно во прекин работните и социјалните активности на граѓаните, во следните денови се очекува намалување на новите случаи.

Доколку се анализираат официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје на Грција, се забележува зголемување на бројот на починати, а во периодот од 21 до 27 јануари, регистрирани е 701 смртен случај од Ковид-19, а завчера беше регистриран нов негативен рекорд за 2022 година со 115 починати за 24 часа.

Во однос на Омикрон, професорката Папаевангелу рече дека „додека хоспитализациите поради Омикрон се однесуваа на само 40 отсто од новите приеми во болница на почетокот на месецот, денес осум од десет пациенти примени во болница се со Омикрон“.

-Болеста предизвикана од варијантата Омикрон на коронавирусот не е обична настинка. И затоа некои наши сограѓани, особено невакцинираните повозрасни граѓани, тешко ќе се разболат и ќе треба да се лекуваат, но и ќе бидат во опасност, рече Папаевангелу.

Околу 5.000 лица во цела Грција се хоспирализирани поради Ковид-19, а исполнети се 85 отсто од креветите на одделите за интензивна нега во грчките болници.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.