Албанската полиција во пристанишниот град Драч запленила 251.295 евра и поголема количина медикаменти, кои не биле пријавени според важечките албански закони.

– Тоа во рамки на последователните операции за уништување на криминални групи кои се обидуваат да перат пари, како и за запленување на имот и парични вредности кои произлегуваат од криминални активности. Уапсен е 58-годишен жител на Драч, кој пристигнал од Италија и се обидел да ги внесе во Албанија, без да ги пријави парите и лековите што ги сокрил во своето возило, соопшти полицијата.

Според истиот извор, појавата албански граѓани, но и странски државјани, кои се обидуваат, пред сѐ да внесат поголеми износи пари во земјата, но и да изнесат, а да не ги пријавуваат, е едно од кривичните дела кое бележи раст последните години.

Со денешната заплена, според полициската статистика, само годинава на граничните премини, запленети се над два милиони евра.

Од контролите е докажано дека премини каде што имало обиди да поминат најмногу непријавени пари е меѓународниот аеродром во Тирана и пристаништето Драч, каде се запленети евра, долари, британски фунти и швајцарски франци.

Само во март, на граничните премини биле блокирани околу 520 илјади евра, што е најголема вредност во однос на другите месеци.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.