Голем протест против ископувањето на литиум ќе се одржи во Белград на 10 август, најавија „Еко стража“ и организацијата „Не го даваме Јадар“, а во организација на еколошките здруженија протести против отворањето на рудниците за литиум се закажани и во повеќе од десет градови во Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

Големиот протест против ископувањето на литиум ќе се одржи во Белград на 10 август со почеток во 19 часот во Теразије кога ќе истечат 40-те дена што СЕОС и ги даде на Владата на Србија да го усвои законот за ископ на литиум и да спречи газење на сопствената одлука за прекин на проектот Јадар.

-Протестот го организираат еколошки организации кои со години се борат против загадувањето на животната средина и сега стојат обединети против ова зло што ја надвисна Србија и криминалниот режим кој се обидува да отвори рудник против волјата на народот, објавија на социјалната мрежа „X“, „Еко стража“.

Тие ги повикаа на протест сите граѓани на Србија кои се против ископ на литиум, без разлика на нивната политичка и идеолошка припадност.

-Ова е протест за доброто на сите граѓани. Политичарите и партиските активисти се добредојдени, но без партиски симболи. Од демонстрантите се бара да дојдат со транспаренти, еколошки пораки и без знамиња на други земји и пораки кои ја дехетерогенизираат масата. Време е да научиме да испратиме порака дека народот на Србија е обединет и секој го носи својот дел од одговорноста. Еколошките организации кои ги организираат протестите се воздржуваат од истакнување на сопствени знаци и логоа, за протестот да не се толкува како самопромоција, наведоа од „Еко стража“.

Протести вечерва ќе се одржат во Косјериќ и Младеновац, додека протестот во Панчево е закажан за 2 август. Во Осечина протестот ќе се одржи на 4 август, во Чачак на 5 август, Инџија на 6 август. Потоа во наредните денови протести се закажани во Сремска Митровица, Јагодина, Крагуевац, Горни Милановац и други градови се до 10 август кога е најавениот протест во Белград.

Изминативе денови масовни протести на граѓаните против литиумот се одржаа во: Лозница, Ваљево, Љиг, Барајево, Богатиќ, Гроцка, Краљево, Неготин, Шабац, Ариље, Аранѓеловац, Крупањ…На сите собири беше побарано Владата да донесе закон за трајна забрана за геолошки истражувања и експлоатација на литиум и бор во Србија.

Рокот за донесување на тој закон кој еколошките здруженија им го одредија на властите е 10 август.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.