Еврејски ресторан во центарот на Атина бил целта на двајцата уапсени Пакистанци, членови на терористичка мрежа која планирала напади во Грција, објавија грчките медиуми и додаваат дека во разбивањето на мрежата помогнала и израелската разузнавачка служба Мосад.
Грчката новинска агенција АНА-МПА, повикувајќи се на полициски извори пишува дека уапсените Пакистанци на возраст од 27 и 29 години, подолго време го подготвувале нападот на ресторанот, кој го посетувале главно Израелци, го набљудувале просторот и проучувале три планови за нападот.
Поконкретно, ги разгледувале опциите: нападот да се изврши со оружје, со експлозив или да се предизвика пожар, евентуално со гас во моментите кога ресторанот би бил полн со луѓе.
Случајот бил откриен по информациите што ги имала Националната служба за разузнавање, која ја известило Антитерористичката служба по што започнала истрагата за конкретни лица, кои биле активни во земјата и подготвувале терористички напади со насоки од странство.
Според истите информации на АНА-МПА, од средината на февруари биле лоцирани и идентификувани осомничените, кои биле уапсени и задржани поради административни прекршоци, бидејќи во Грција престојувале нелегално, без документи.
Весникот „Катимерини“ пишува дека уапсените Пакистанци престојувале во Грција над четири години, едниот на островот Закинтос, другиот во градот Спарта на Пелопонез, додека пак според информативниот портал „Ин“ за нападот ќе добиеле по 15.000 евра.
Грчката новинска агенција објави дека со соопштение излегол кабинетот на премиерот на Израел во име на израелската разузнавачка служба Мосад, во кое пишува дека откриениот случај е „сериозно прашање, успешно спречено од грчките безбедносни сили“ и дека станува збор за уште еден обид на Иран да изврши тероризам против израелски и еврејски цели во странство.
Откако започна истрагата за осомничените во Грција, Мосад обезбеди разузнавачка помош за откривање на структурата, методите на работа и поврзаност со Иран. Истрагата откри дека структурата која работи во Грција е дел од широката иранска мрежа управувана од Иран и опфаќа повеќе земји, пишува во соопштението што го пренесува АНА-МПА.
Грчката полиција вчера соопшти дека била разбиена терористичка мрежа што планирала напади во Грција и дека се уапсени две лица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.