Растот на цените во Албанија беше незапирлив и во декември, додека инфлацијата достигна стапка од 3,7 проценти, што е највисоко ниво во последните 11 години.

Инфлацијата расте, пред сè поради цените на енергетските производи кои достигнаа рекордни нивоа, додека нафтата и бензинот достигнаа цена од 185 односно 187 леки, речиси 20 отсто поскапи во однос на декември претходната година. Најголем раст на цената е забележана кај гасот и тоа за 70 отсто и сега се продава по 94 лека за литар, наведува Топ чанел.

Според истиот извор, по транспортот, инфлацијата е поттикната и од цените на храната. Зголемени се цените на сите прехранбени производи, а за тоа трговците обвинуваат за високите увозни цени, но и за неповолното домашно производство. Покрај овие групи годинава поскапеле и забавата, киријата, облеката и тутунот.
Високата инфлација може да се претвори во сериозен проблем за стопанството во услови кога куповната моќ на граѓаните значително опаѓа, додека парите во банкарските депозити продолжуваат да ја губат вредноста.

Исто така, Централната банка може да биде принудена да ги зголеми каматните стапки бидејќи инфлацијата значително ја надмина предвидената стапка од страна на банката од 3 проценти, што би донело дополнителни трошоци за кредитите на станбените хипотеки, констатира телевизијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.