Последната срердба на заедничката мешовита македонско-бугарска комисија за историски и за прашања на учебниците, што на 1 и 2 јуни за одржа во Софија, заврши без вообичаено соопштение.

Наместо тоа, пак, во бугарските медиуми беше објавена информација за поставена изложба во бугарската национална библиотека „Свети Кирил и Методиј“, насловена како „Македонија во европската етничка картографија (средина на 19 век-Балканските војни 1912-1912 година), што заедно ја посетиле двајцата копретседавачи проф.Драги Ѓоргиев од македонската и Ангел Димитров од бугарската комисија.

Како автор на изложбата се јавува д-р Стефан Пејков, претседател на меѓународниот трговски и културен центар „Геопан“, основач на Бугарското картографско здружение.

–Оваа посета ја очекувавме со одредена тензија, ги покажавме сите видувања по темата Македонија во европската етничка картографија на современ и модерен начин. Тема која никој не се осмелил да ја третира на ваков начин, ќе рече меѓу другото д-р Пејков во разговор за агенцијата БГНЕС.

И веднаш по ова следува една мошне индикативна реченица во која авторот на изложбата пренесува мислење на проф.Ѓоргиев, кое доколку е точно, практично значи дека нашиот „државен историчар“ број 1 се воодушевил од колекцијата со која се потврдува „бугарскиот карактер“ на Македонија, oбјави „Трибуна.мк“.

-Почитуваниот Ѓоргиев призна дека имаме беспрекорна колекција која, споделена меѓу двете земји, објективно ги отсликува нивните позиции. Тоа дава дефинитивна идеја дека населението, кога се издавале овие карти, било со бугарска самосвест и бугарско потекло. Тоа го докажале речиси сите мајстори и автори на европски мапи, вели научникот.

Тој уште додал дека идејата била „да се илустрира историски бавниот развој на овој процес, кој ја дели една нација на две“.

До сега нема никакви деманти од проф.Ѓоргиев за изјавата на д-р Пејков.

Во центарот на вниманието на изложбата била првопоставената карта, која била објавена пред точно 180 години, односно во 1843 година, во Стразбур.

-Таа била издадена од Бугаринот, Александар Хаџи Русет (1810-1861), и била финансирана од неговиот брат. Александар Хаџи Русет решил да направи етничка карта на целата територија на бугарскиот народ и успеал да почне да работи со Раковски, но починал на 51-годишна возраст и не можел да го исполни овој сон. Ни оставил извонредна мапа која се базира на податоци на Лапи, мошне авторитетен француски картограф и останува како документ за состојбата на Балканот во 1843 година, објаснува д-р Пејков.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.