Косовскиот премиер Аљбин Курти вечерва ќе ги прими пратеникот на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак и специјалниот претствник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар, пренесуваат српските медиуми.

„Средбата на Курти со Лајчак и Ескобар ќе се одржи во зградата на Владата на Косово“, стои во соопштението од кабинетот на косовскиот премиер.

Портпаролот на Европската унија Петер Стано изјави дека Лајчак и Ескобар ќе бидат во Косово и Србија во понеделник и вторник, за да се вклучат во деескалација на тензиите на северот на Косово.

Приштинските медиуми претходно објавија дека Лајчак и Ескобар денеска ќе бидат во Белград, а утре во Приштина и дека по тој повод ќе го посетат и северот на Косово.

Ескобар пред посетата на Србија и Косово за Би-би-си изјави дека ситуацијата на северот на Косово е последица на недоволната подготвеност на косовскиот премиер да ја слуша межународната заедница.

„Курти не ги послуша предлозите на меѓународната заедница во врска со ситуацијата на северот, иако вети дека градоначалниците ќе имаат само технички овластувања. Му дадовме многу сигнали, да ги повлече градоначалниците од општинските згради, да ја отстрани косовската полиција од зградите и потоа веднаш да влезе во процедура за формирање Заедница на српски општини “, изјави Ескобар.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.