Владата на Србија упати образложен предлог до претседателот на Републиката за распуштање на Народното собрание и распишување избори за пратеници, јави дописникот на МИА од Белград.
Одржувањето нови парламентарни избори во постојните околности би обезбедило повисок степен на демократија, намалување на тензиите создадени помеѓу спротивставените опции во општеството, отфрлање на ексклузивноста и говорот на омраза и афирмирање на правото на слободно изразување мислења и ставови за одредени политички, економски и други прашања, вклучително и натамошна афирмација на европските вредности, се наведува во соопштението на Владата на Србија.
Во предлогот за распуштање на парламентот, меѓу другото, се наведува дека неодамна имало барања од дел од јавноста да се распишат нови, вонредни избори за пратеници, а дека на 11 септември дел од опозициските политички партии вакво барање поднесоа до претседателот на Републиката.
Владата, тргнувајќи пред се од ова барање, зазеде став дека спроведувањето на изборниот процес, како еден од основните постулати на едно демократско општество, ќе биде добра можност да се разгледа политичката сила на аргументите, досегашните резултати и плановите на сите актери на политичката сцена и да им овозможи на граѓаните слободно да ја изразат својата волја во која насока треба да се движи Република Србија, се наведува во соопштението.
Исто така, на седницата членовите на Владата донесоа одлуки за распуштање на Собранието на град Белград и формирање на Привремена управа на град Белград, а исти одлуки беа донесени и за уште 64 градови и локални самоуправи во Србија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.